Од Подгорица дојде резултат кој за МЗТ Скопје не одговара. Македонскиот првак нема да има шанса да се бори за опстанок во АБА-лига, се враќа во второлигашката конкуренција. Будуќност не одигра во корист на МЗТ Скопје, на домашен терен беше совладан од Борац со 85-87. Ова беше прв пораз за домашниот состав после осум меча во низа.
Борац Чачак имаше добар финиш во третата четвртина во која со серија од 9-1 го сврте резултатот и поведе со 62-68. Во ист ритам продолжи во последната четвртина по две минути игра водеше со 66-74. Српскиот тим не искористи шанса да дојде до поголема позитива, па Будуќност со серија од 7-0 се доближи на 73-74.
Борац благодарение на Болдвин одржуваше предност, свој удел имаа и судиите, пред 35 минута имаа чудни одлуки, но и после тоа, ги држеа во игра гостите. Мечот влезе во драматична завршница, О’Брајан погоди само едно слободно фрлање за 85-86, гостите не реализираа, Хејнс промаши за целосен пресврт. Гагиќ зголеми на 85-87.
Претходно гостите во првата четвртина со серија од 10-0 имаа двоцифрени 4-15, но домаќинот брзо ги консилидираше своите редови и се врати резултатски. Будуќност дури првата четвртина ја заврши со 22-21.