Попладнево во Кратово, во меч од 27.коло во ПМФЛ, домашниот Силекс и Брегалница ќе водат битка до истребување. Ќе се игра мечот на сезоната и за двете екипи. Меч од екстра значење, меч кој што може да одлучи и за тоа дали Силекс или Брегалница ќе играат во Европа, се разбира во зависност од исходот на финалето во Купот.
Ќе биде ли Горазд Михаилов, стратегот на Силекс, тој кој што ќе му го нанесе првиот пораз на Горан Здравков како стратег на забревтаната Брегалница која оваа пролет воодушевува со своите настапи и резултати. Или Здравков ќе ја продолжи серијата на успешни резултати, останува да видиме некаде околу 18 часот.
Нема сомневање дека ќе биде тензично, така е секогаш кога играат Силекс и Брегалница, лутите ривали од истокот, ќе има борба за секоја педа од теренот, ќе биде крајно неизвесно.
Во секој случај се очекува фудбалски спекткал, ова се две исклучително квалитетни екипи кои со право очекуваат да бидат победници денеска на стадионот во Кратово.
Брегалница нема да се брани, ќе игра отворен и офанзивен фудбал, така играат“сините“ под водство на Здравков, а ова ќе биде и тренерски дуел Михаилов – Здравков, па кој е подобар нека победи.