За Велигден: „Комити“ со симболична финансиска помош за фудбалерите на Вардар

1828

По вчерашното реми со Гостивар во дербито на колото во Втората македонска фудбалска лига, најверните навивачи на македонската фудбалска гордост Вардар, популарните „Комити“ им подариле симболична финансиска помош на фудбалерите. Во информацијата која ја објавија на социјалните мрежи се вели:

„По натпреварот против Гостивар, дознавме дека “директорот” на клубот, Слободан Крстевски – Цобе, на фудбалерите не им ги исплатил ветените мининални финансии. Човекот кој во секој сегмент ја изневери нашата и довербата на фудбалерите, нема да го коментираме. Не е достоен за коментар!

Би сакале само да ја информираме јавноста, дека како група одлучивме, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, на сите фудбалери, и на стручниот штаб, да им подариме симболична финансиска помош. Знаеме дека тоа не е доволно, дека заслужуваат повеќе, но е искрен гест, со кој јасно порачуваме дека нивната болка е и наша болка.

Приходот од продадените билети, решивме да ги искористиме на овој начин.

Воедно, сакаме да ја информираме јавноста дека пред почетокот на втората полусезона, како група финансиски помогнавме и допринесовме кон тоа да клубот продолжи да функционира. Континуирано помагаме во секој сегмент, од купување медикаменти, преку обезбедување терени за тренинзи, за сите категории фудбалери, до целосна организација на сите тековни натпревари. Сето ова, го правиме со цел, нашите фудбалери – херои, да имаат достојни услови за играње!

За крај, благодарност до илјадниците навивачи, кои ја препознаа нашата борба, кои вчера беа на стадионот во Маџари и околу него. Борбата за Вардар е борба за Македонија. Вардар е клуб на народот, бил и ќе остане. Затоа не може да се уништи!“.

ПретходноДетето на Металург се сели во Целје!
СледноМЗТ Скопје А. со апел: Вечерва нека победи кошарката во Подгорица!