Љафтов му донесе историски успех на својот клуб во Суперлигата на С. Арабија

984

Македонскиот одбојкарски репрезентативец Александар Љафтов ја заврши сезоната во својот годинешен клуб, Ал Ибтисам со освојување на третото место во саудиската Суперлига. Воедно, ова е најдобриот резултат кој овој клуб го има направено во својата клупска историја.

„Завршивме на 3. место сезонава надминувајќи ги амбициите кои беа поставени пред почетокот на сезоната кога дојдов овде. Клубот очекуваше пласман кон средината на табелата, но ние ја кренавме формата и на крајот го освоивме третото место. За првпат во историјата на клубот Ал Ибтисам освојува медал од Суперлигата“, вели Љафтов.

Нашиот репрезентативец ги заврши обврските во клубот, иако кон крајот на месецот Ал Ибтисам има настап и на т.н. Елит Куп.

„Да, останува уште еден куп, но јас се враќам назад и нема да бидам во тимот. Мислам дека ова беше една долга и напорна, но успешна сезона и за клубот и за мене. Се враќам назад и почнувам да мислам на репрезентацијата“, порача нашиот поентер, кој се уште нема одлучено дали и следната сезона ќе го носи дресот на овој арапски состав.

„Тие сакаат да останам, но ќе видиме. Не сум одлучил се уште“, заврши Љафтов.

ПретходноВо Кратово ќе “гори“, Силекс и Брегалница во фудбалска “војна“ за европски надежи…
СледноВМФЛ: Охрид на мегдан со Пехчево, Воска со лесно гостување кај Тетекс…