Ињиго Мартинез како ветеран ќе заигра за Барселона, клубот за кој навивал како дете. Како што јавува италијанскиот „гуру“ за трансфери Фабрицио Романо, трансферот практично е завршен и се чека официјална потврда. Информациите од Шпанија зборуваат дека Мартинез неодамна бил на лекарски прегледи во Барселона и со каталонскиот клуб договорил соработка на две сезони.
Мартинез неколку години е поврзуван со Барселона, меѓутоа секој пат нешто го спречуваше да оди на „Ноу Камп“, прво високата откупна цена, потоа конкуренцијата (како стопери долги години играа Пике и Пујол), па потоа проблемите на Барса со финансиите, лимитираниот буџет за трансфери, но сега ќе може да заигра за „Каталонците“.
Во мај ќе наполни 32 години, а сега ќе помогне во дефанзивата каде што играат Кристенсен, Араухо, Гарсија и Кунде.
Ињиго прво играше за едниот баскиски клуб Сосиедад, а во 2017 година премина во другиот – Атлетик Билбао. Како слободен играч ќе треба да премине на „Ноу Камп“.