Кошаркарите на Бостон поведоа со 2:0 во првото коло од плеј-офот на Источната конференција, откако синоќа ја победија Атланта со 119:106. Во победничкиот тим, Тејтум оствари дабл-дабл учинок со 29 поени и 10 скока, а забележа и шест асистенции. Дерик Вајт имаше 26 поени, седум скока и три блокади, со што стана само вториот кошаркар во историјата на Бостон со 25 или повеќе поени и три или повеќе блокади во плеј-офот, придружувајќи му се на Реџи Луис.
Плеј-оф серијата се сели во Атланта, а следниот натпревар се игра ноќта меѓу петок и сабота.
Кливленд израмни на 1:1 во пресметката со Њујорк Никс, откако на домашен терен славеше со 107:90. На крајот на втората четвртина домашните водеа со 20 поени разлика, а потоа цело второ полувреме ја контролираа играта.
Најдобар учинок во тимот на Кливленд имаше Дариус Гарланд со 32 поени (26 во првото полувреме), заедно со седум асистенции. Кај гостите Џулиус Рендл постигна 22 поени.
Феникс израмни на 1:1 во плеј-оф серијата од Западната конференција, откако на домашен терен го победи Лос Анџелес Клиперс со 123:109. Во поголемиот дел од првото полувреме гостите беа во водство, а во текот на втората четвртина го преземаа најголемото водство од 49:36. Феникс до крајот на првиот дел успеа да израмни на 59:59, а потоа го отвори вториот дел со серија од 12:2. До крајот на натпреварот тимот од Аризона не го испушти водството.
Девин Букер постигна 38 поени со девет асистенции, Кевин Дурент имаше 25 поени, шест скока и пет асистенции, додека Деандре Ајтон имаше дабл-дабл учинок со 14 поени и 13 скока.
Кај Клиперс Кавај Ленард запиша 31 поен.