На денешен ден во далечната 1888 година, значи 15 години пред Илинденското востание во Македонија, во Англија основана е првата фудбалска лига во светот. Во неа учествувале 12 екипи и тоа: Астон Вила, Блекбурн, Болтон, Барнли, Дерби, Евертон, Нотс Каунти, Престон Норт Енд, Стоук, ВБА, Вулверхемптон и Акрингтон. Од сите овие клубови кои биле учесници во првата лига, само последниот тим сега не постои.
Интересно е тоа што во таа лига ги немало Ливерпул, Јунајтед, Сити, Арсенал, Тотенхем и уште неколку гиганти кои сега “дрмаат“ во Премиерлигата.
Се играло од есента 1888 година до пролетта 1889 година, и сите играле по два меча секој со секого.
Првиот шампион бил тимот на Престон.
Ете, тоа е традиција.
И кога сме кај традицијата.
Во таа 1888 година во Македонија уште немало абер за дигање на востание а камоли за фудбал. Во САД минале само 20 години од граѓанската војна, во Царска Русија владател бил Александар трети Романов, таткото на последниот руски цар Николај Романов.
А во Англија се играло фудбал, се играла првата лига во историјата.
Ете, тоа е традиција.