Денеска излезе најновиот поредок на АТП листата. Таму нема промени на врвот. Новак Ѓоковиќ ја започна својата 384-та недела како лидер и покрај предвременото излегување од Отвореното првенство на Србија.
Сепак, оваа недела Карлос Алкараз е поблиску од претходната, со оглед на тоа што Шпанецот го освои турнирот во Барселона. Сега разликата меѓу првиот и вториот тенисер е 365 поени, наспроти 470 поени минатата недела.
Новак има 7.135 бодови, следен е 19-годишниот Алкараз со 6.770. Данил Медведев од овој понеделник е трет со 5.240 бодови, додека Каспер Руд е четврти со 5.210 бодови.
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски забележа пад од три места на АТП листата, тој оваа недела се најде на 461 позиција. Најдобриот ранкинг на Ивановски е 457 место.