Коментар на 28.коло: И Брегалница на “менито“ на залетаните тетовци, “кикс“ на Шкупи кој скапо ќе го чини!

648

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа сите пет средби од 28.коло во ПМФЛ. Дербито беше во Штип, каде Брегалница како непоразена оваа пролет, ја дочека Шкендија, тим кој што под Исарот дојде со пет од пет. И победи Шкендија, со голот на Клисман Цаке, и освои големи три бода. Значи се најде јунак да ја победи Брегалница. Со овие три бода сега тетовци се на само -3 од лидерот Струга ТЛ. А знаеме дека во претпоследното коло токму под Шара играат Шкендија и Струга ТЛ.

Само да кажеме дека во ова коло стружани беа слободни.

Ако досега се водеше битка меѓу три екипи за титулата, тогаш Шкупи по “киксот“ во Кавадарц, поточно по ремито со Тиквеш како сам да се “предаде“ Сега Шкупи има -7 бода во однос на лидерот, така да ова реми може и тоа како скапо да го чини тимот од Чаир.

Рековме веќе, во ова коло Брегалница го доживеа првиот пораз под водство на стратегот Горан Здравков, па ако се знае дека Силекс ја победи Македонија ЃП, тогаш и битката за тоа 4.место на табелата, кое може да носи во фудбалска Европа е завршена, сега разликата е +6 бода за Силекс и тешко дека до крајот некои работи ќе се променат.

Се надзира крајот и во битката за избегнување на баражот. Вчера во директна битка се сретнаа Скопје и А. Пандев, мечот заврши со 1:1, па така разликата од 4 бода за “пандевци“ останата и натаму.

И ако се знае дека Победа со едната нога е во ВМФЛ, тогаш и овде работите се јасни, или барем кажано појасни. Сепак не треба така лесно да ги отпишуваме “пиратите“. Тие се додека можат ќе ја “бркаат“ А. Пандев, целта е да се избегне баражот.

И на крај, иако се играше 28.коло во ПМФЛ, сепак сите погледи во фудбалска Македонија беа свртени кон Охрид и мега – дербито меѓу Воска Спорт и Вардар во ВМФЛ.

Вардарци херојски, со играч помалку, одиграа до таа 90.минута и имаа предност од 0:1, но тогаш Воска со два гола во судиското продолжение направи чудесен пресврт и дојде до победата.

Тие три бода се чини дека Воска и дефинитивно ја носат во ПМФЛ. А Вардар допрва ќе треба да се “бори“ со Гостивар за тоа второ место, третото веќе води во баражот.

ПретходноВтори во Европа: Младинците на Хајдук декласирани во финалето во ЛШ!
СледноЕтеми му даде два гола на Фенербахче (видео)