Шпанскиот фудбалски гигант Барселона соопшти дека обезбедила 1,6 милијарди евра за реновирање на стадионот „Камп Ноу“, кое ќе започне на 1 јуни, пренесува француската новинска агенција АФП. Барселона соопшти дека имотот на клубот не се користи како гаранција и дека нема потреба да се подига хипотека на стадионот. Капацитетот на седиштата на најголемиот европски стадион се зголемува од 99.300 на 105.000.
Во соопштението од клубот се наведува дека парите ги платиле 20 инвеститори, а ќе бидат вратени во различни рокови – од пет до 24 години. По завршувањето на работите, Каталонците ќе почнат да ги враќаат позајмиците, со флексибилна камата и грејс период, а освен за стадионот, парите ќе се трошат и за други клупски објекти. Од нив, 420 милиони евра ќе бидат наменети за „Палау Блауграна“, домот на кошаркарските и ракометните клубови, а 20 милиони за стадионот „Јохан Кројф“, каде што играат резервната и женската екипа.
Клубот очекува работата да биде завршена до 2026 година, првиот тим на Барселона за време на реновирањето ќе игра на Олимпискиот стадион во Монжуик, а во сезоната 2024/25 ќе се врати на Камп Ноу, кој тогаш нема да биде со полн капацитет.
Минатото лето Барселона собра околу 750 милиони евра со продажба на 25 отсто од ТВ правата за шпанската лига за 25 години, како и 49 отсто од акциите во студиото Барса.