Македонската ракометна репрезентација утринава замина за Луксембруг каде утре (20:15 часот) ќе го одигра претпоследниот квалификациски дуел за пласман на ЕП 2024 година.
Предводникот на нашиот најдобар национален тим, Кирил Лазаров за Луксембург поведе 18 играчи. Шанса за оваа средба ќе добие Марко Кизиќ, кој заедно со искусниот Никола Митревски ќе бидат задолжени за мрежата на Македонија.
Во Скопје останаа Мартин Томовски и Едвин Омерагиќ, двајцата ќе работат индивидуални тренинзи до враќањето на тимот од Луксембург.
Македонија е на второто место во групата 1 со две победи и два порази, исто колку и репрезентацијата на Турција. Победа против Луксембург ќе значи исчекор кон ЕП 2024, а печат на визата нашите момци треба да стават во недела кога во СЦ „Борис Трајковски“ гостува токму Турција.
На првата средба против Луксембург, нашата репрезентација на домашен терен славеше со 38-24. За разлика од двомечот со Португалија во составот на нашиот најдобар национален тим се враќаат Филип Талески и Жарко Пешевски, како и Гоце Георгиевски, кој ги игра последните два меча во дресот на Македонија.