Македонската ракометна репрезентација вечерва (20:15 часот) му гостува на Луксембург во рамките на претпоследното квалификациско коло за пласман на Европското првенство 2024 година.
Избраниците на Кирил Лазаров на оваа средба се фаворити, особено ако се земе резултатот од првата средба во Скопје, која ја добија со убедливи 38-24. Сепак оваа игра треба да се потврди уште еднаш на терен за да се направи важниот чекор кон потврда на местото на ново големо натпреварување.
Македонија против Луксембург вечерва, но и против Турција на домашен терен (недела) ќе биде во далеку посилен состав од последниот квалификациски двомеч против Португалија.
Лазаров на располагање ќе ги има Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски и Филип Талески, па кои заедно со останатите момци треба да направат совршен спој за посакуваниот триумф.
„Нема да дозволам во ниеден момент да го потцениме противникот, на пример едни Фарски Острови прават изненадувања. Ние сме на чекор до ЕП 2024, верувам во овој тим и ќе си ја сфатиме работата сериозно. Така ќе се поставам и јас како селектор. Ќе се обидам некои работи во минатото кои не функционирале, посебно во дефанзивата, да ги поправиме и да изгледаме уште подобро“, изјави селекторот Кирил Лазаров.
На собирот пред двата меча Талески потенцира дека и Луксембург и Турција ќе бидат поинакви од претходно, па ќе мора својата фаворитска улога да ја потврдат на терен.
„Ако не си ја оствариме целта, тогаш не треба да доаѓаме. Сакаме да играме на ново Европско првенство. Ние сме фаворити, но мора тоа да го покажеме на терен. Сега верувам дека ќе се подготват подобро за нас од првите средби. Ние мора исто да видиме каде ривалите се подобрени или каде имаат слабости. На пример Турција најавува враќање на искусни играчи, меѓутоа нашата сала секогаш е преднсот против било кого“, изјави Талески.
Македонија е на второто место во групата 1, има две победи и два порази, исто колку и третопласираната Турција, која пак ќе се соочи со Португалија.