Најтрофејниот македонски одбојкарски стручњак, Јошко Миленкоски, се враќа на кормилото на македонската одбојкарска репрезентација, дознава СПОРТМЕДИА.
Актуелниот предводник на грчки ПАОК, кој беше на клупата на македонската одбојкарска репрезентација во периодот од 1997 до 2008 година, се враќа на селекторското место во нашиот сениорски тим, за да го поведе на престојното Европско првенство, чиј ко-домаќин ќе биде и Македонија (28 август – 16 септември).
По неколку странски селекторски решенија со кои Македонија настапи на две европски првенства досега, Одбојкарската федерација на Македонија успеала да се договори со нашиот врвен стратег, тој да го предводи тимот на историското Европско за оваа генерација на македонски репрезентативци, кои од Скопје ќе се обидат да го направат најголемиот успех на континенталните собири. Миленкоски во моментов е во Солун, каде со ПАОК го очекува четвртиот меч од финалната серија на грчкото првенство против Олимпијакос, со кого води жестока битка за шампионската титула.
Тој оваа сезона веќе направи изненадување освојувајќи го грчкиот куп, а се уште има шанси за сензација и во тамошниот шампионат. Миленкоски треба да ја преземе нашата репрезентација веднаш по завршувањето на клупските обврски, а тоа значи дека ќе ја води Македонија и на престојната „Европска Златна Лига“ од 27 мај.
Како селектор, Јошко ја предводеше и Турција на ЕП 2017 година, а во домашниот одбојкарски шампионат со години беше незапирлив на клупата на Работнички Фершпед, екипа со која остави голема трага и во европските одбојкарски купови.