Пишува: Зоран Ѓоршоски
Понекогаш за да дојдеш до целта, јасно е дека ти е потребно и малку среќа. А вчера Струга ТЛ со “киксот“ на Шкендија го имаше тој среќен момент, па така сега, по вчерашниот рутински триумф со Тиквеш, има +5 бодови пред Шкендија и +7 пред Шкупи.
До крајот остануваат уште само четири кола, но Струга ТЛ има намера на мечот од 31.коло, значи на 7 мај да ја прослави, да ја официјализира, својата прва историска титула во ПМФЛ.
Да не заборавиме дека Струга ТЛ има предност пред Шкендија и во меѓусебниот скор, без разлика каков ќе биде резултатот на дуелот од 32.коло во Тетово кога играат Шкендија и Струга ТЛ. Имено на двата меча сезонава, стружани двапати победија.
Планот, односно посакувањата се во недела да се победи Брегалница во Штип, веројатно и Шкендија ќе извојува победа над Македонија ЃП, па така пред 31.коло разликата помеѓу овие две екипи би останала иста, пет бода предност за стружани.
А во тоа коло, на 7 мај, Струга ТЛ ќе игра дома со Силекс, а Шкендија ќе му гостува на Шкупи на Чаир. Познат е анимозитетот на чаирчани и тетовци, и тешко дека Шкендија би победила среде Чаир, значи на стружани им останува да слават со Силекс а Шкендија нека игра и реми.
Во тој случај по тоа 31.коло, Струга ТЛ би имала +7 бодови пред Шкендија, а ќе останат да се одиграат само уште две кола. И тогаш се ќе завршено во корист на лидерот.
Ако биде вака, а можно е, тогаш стратегот на лидерот Шпетим Дуро ќе може на последните два меча, со Шкендија во Тетово (32.коло) и со Шкупи дома (33.коло) да игра со комбиниран тим со цел да го одмори својт состав во пресрет на големото финале во Купот на Македонија, кое е закажано на 20 мај во Струмица, а ривал ќе биде Македонија ЃП.
Ова се посакувањата и желбите на сите во таборот на Струга ТЛ, важно е само да се победи Брегалница на гости во неделното 30.коло.
Останува да видиме дали клубот кој сезонава ги собра сите симпатии во мак – фудбалот, кој е лидер уште од 1.коло, клубот кој е основан во 2015 година, ќе им ја подари на своите сограѓани првата шампионска титула и од Струга ќе направи шампионски град.