Гоце Георгиевски го одигра последниот танц во дресот на македонската репрезентација. После 16 години се одлучи да стави крај на репрезентативната кариера, а тоа го стори на најдобра можен начин, со победа на домашен терен и пласман на ЕП 2024 година.
По дуелот со Турција, Гоце призна дека чувствата биле измешани.
„Беше тешко, ма малку потешко. Некако бев емотивно испразнет, а во мислите ми беше само со победа да завршиме. Некако чувствував голем притисок, среќен сум што на крај излезе позитивно. Среќен сум што вака заврши и испадна, со победа да се простам“, рече Георгиевски и додаде:
„Беше тежок меч, а очекувавме вакво нешто, зашто Турција е добра селекција, ја гледавме со Португалија и одигра добро. Ја бркавме таа негатива од почетокот на вториот дел и мислам дека последните 10 минути одигравме подобро во одбрана, во напад исто така, Митев даде доста важни голови. Среќен сум што завршивме со победа и што триумфално го заверивме овој пласман на ЕП“.