Македонската ракометна репрезентација дене ска во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Турција во рамките на последното квалификациски коло за пласман на Европското првенство 2024 година.
Пласманот математички е обезбеден, останува да се стави победнички печат и да се продолжи трендот кој трае веќе 11 години, редовен пласман на сите големи натпреварувања.
Од 2012 година па навака, Македонија е дел од сите Европски и Светски првенства. Кога сме кај континенталните натпреварувања, ЕП 2024 година ќе биде седмо по ред, вкупно осмо во историјата на овој национален спорт, кој не случјано е најуспешен во нашата земја.
Избраниците на Кирил Лазаров имаат „подлога“ за нова голема победа. Ќе играат пред полни трибини, поддршката од фановите во сите битки била најважна, така и ќе биде и денеска во 18 часот.
Предводникот на нашиот национален тим за оваа средба направи промени во составот. За голот на Македонија ќе бидат задолжени Мартин Томовски и Марко Кизиќ, двајцата ќе го заменат искусниот Никола Митревски.
Турција доаѓа со неколку промени за разлика од првата средба која Македонија на гостински терен ја доби со 36-27. Селекторот, Окан Халај го повика Рамазан Доне, кој ќе наполни 42 години, и Дорук Пелицан, кој не играше на првиот меч.
Што се однесува до меѓусебните дуели меѓу Македонија и Турција. Нашите ракометари никогаш немаат загубено од оваа земја, ги добиле сите шест официјални мечеви.
За разлика од Македонија, Турција никогаш нема играно на едно континентално натпреварување.
ЕХФ како и секогаш, така и овој пат, последното коло го закажа во ист ден и во ист термин.