Последниот „танц“ на Гоце Георгиевски: Националниот дрес секогаш бил светост за мене!

2872

✍️ Марија Ковачева

Уште еден репрезентативец од генерацијата која беше причината за убавите ракометни денови во кои уживавме и уживаме, генерација која со своите игри успеа да ги „зарази“ со ракомет и оние кои не беа големи фанатици, генерација која беше причина фановите традиционално во јануари да ги запалат своите автомобили и да минат илјадници километри за да ја бодрат Македонија, одлучи да се збогува со националниот дрес.

Гоце Георгиевски денеска (18 часот) пред домашната публика во СЦ „Борис Трајковски“ против Турција ќе го одигра последниот „танц“ за Македонија.

Својата репрезентативна приказна почна да ја пишува пред 16 години. Гоце е вистински пример за тоа како треба да се носи дресот на својата земја. Скромен во победи, голем во сите порази, пожртвуван, секогаш ја давал последната капка пот на теренот.

Првото деби Гоце Георигиевски го имаше во 2007 година, под водство на тогашниот селектор Илија Темелковски на „Трофеј Карпати“. Оттогаш до денеска стана симбол на репрезентацијата, има на што да биде горд низ сите 16 години.

„Кога ќе го вратам времето и сите случувања, овие 16 години навистина брзо поминаа. Првиот ден кога заиграв за репрезентација бев возбуден, бидејќи играш за Македонија, го претставуваш националниот дрес. Ова не се промени и ден-денеска. Настапот за националниот дрес го гледав како светост затоа што многу малку играчи добиваат шанса да играат за своите земји, а јас бев еден дел од сето тоа. Кога ќе се земе фактот дека игравме Европски првенства, Светски првенства, квалификации за Олимпијада, играњето за репрезентацијата добива уште еден голем плус“, ни рече Георгиевски.

Македонија денеска против Турција на домашен терен ги завршува квалификациите за пласман на ЕП 2024 година. Нашата репрезентација е математички пласирана само треба да стави победнички печат, да го заврши овој циклус како што го почна.

„Потсвесно стои дека го играм последниот меч. Имам позитивна трема и мала нервоза, бидејќи пред домашна публика ќе се простам од репрезентација, би рекол дека не може да биде подобро бидејќи играме за пласман на ЕП. Среќен сум што се простувам токму вака“.

Зад себе има голем број на мечеви, од квалификации до баражи, од европски до светски првенства. Гоце се обиде да издвои победа, да го открие најтешкиот момент.

„Имам одиграно многу натпревари, многу е тешко да се издвојат моменти. Има доста победи, на пример тие баражи кои ги игравме. Како највеж би го издвоил баражот од минатата година против Чешка за пласман на Светско првенство. Чешка е многу силна репрезентација, многу пати сме играле против нив, ја победивме тоа е една од оние добри победи од поновото време.

Спортот е таков има и моменти за кои навистина жалиш,  не може секогаш да победуваш. Пропуштената шанса на Олимписките квалификации во Полска, тоа е едно големо разочарување. Потајно се надевавме дека ќе успееме, имавме добра група, решавачки беше дуелот со Тунис. Тоа беше навистина голем удар, мислевме дека ќе се пласираме“.

Репрезентацијата во последната година направи целосна промена на генерација. Гоце гледа иднина, но потенцира дека треба време и трпение. Ниту тие преку ноќ не дошле до ова што се денеска, до она што го градеа со години. Јавноста може заборава, но оние што го носат товарот, никогаш не заборавија дека патот бил тежок.

„Македонија имаше еден голем период кога не успеваше да се квалификува на едно големо натпреварување. Па после тоа дојде генерација која успеа да се избори. Македонската јавност е навикната само на успеси, но сега доаѓа на промена на генерација, доаѓаат доста млади ракометари. Кажав и претходно, се откажувам, но знам дека репрезентацијата е во добри раце, тука е селекторот, стручниот штаб, самите играчи, добра атмосфера, добро се работи, сите репрезентативци добро тренерираат, ги прифаќаат советите од нас повозрасните. Можам да кажам дека има таленти, треба многу работа, но трпеливост од јавноста. Резултатите не доаѓаат преку ноќ, треба макотрпна работа, прашање е на време кога ќе дојде резултатот. Македонија е на добар пат, ќе биде навистина добра“.

Нашата репрезентација има единствена цел – со победа да го завери пласманот на седмото по ред Европско првенство.

ПретходноПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ: Стружанки изедначија против Бадел!
СледноМерџани: Струга ТЛ и во Штип ќе оди на победа!