Турција на „колена“, Македонија победнички завери билет за Европското првенство 2024 (ФОТО)

670

Македонската ракометна репрезентација го завери седмиот пласман во низа на Европските првенства, вкупно осми во својата историја, откако во последниот квалификациски меч на домашен терен против Турција славеше со 30-27 (15-15). Противникот очекувано дојде на се или нешто, му зависеше пласманот на ЕП, за кој ќе чека следна шанса.

Мартин Томовски со 16 одбрани беше најдоброто во нашиот состав. Митев и Пешевски со по пет гола беа лидери кај нас. Гоце Георгиевски на последниот меч во националниот дрес постигна два гола.

Променлива игра на ракометарите во првото полувреме. На моменти избраниците на Кирил Лазаров покажуваа зошто се фаворити, но имаше и минути кога темпото паѓаше па противникот, лесно се враќаше од негатива.

Ѓоргиев го отвори мечот (1-0), во меѓувреме Јагурноски и Петар Атанасијевиќ не реализира од чиста ситуација за да го зголемат водството, па Турција поведе со 1-2. Момент по кој македонската репрезентација се разбуди, со серија од 5-1 поведе со 6-3 во 12 минута.

Три минути подоцна Кузмановски со вториот гол од седум метри зголеми на 9-5, Македонија водеше и со 10-6. Но, како и ова да не беше доволно за едноставен натпревар. Во 22. минута се случи најлошото, се повреди Филип Кузмановски при незгоден доскок. Станува збор за скочниот зглоб, мораше да биде изнесен на носилки. Оваа ситуација како да се одрази врз останатите, па Турција израмни на 13-13. Талески и Серафимов зголемија на 15-13, но гостите израмнија на 15-15 на одморот.

Серијата на Турција продолжи и во вториот дел, со два нови гола зголеми на 15-18 во 32. минута. Јагуриноски на момент го прекина молкот во нашите редови за 16-18. Томовски фати две важни одбрани, но контролата на резултатот ја имаа гостите (17-20, 18-21), беа премногу мотивирани, нив им зависеше место на ЕП 2024.

Ѓорѓиев и Митев доближија на 19-20, но Турција не само што доминираше туку и поведе со 20-24 на средината на второто полувреме. И конечно вистински минути на Македонија и израмнување на 24-24 во 50. минута, со два гола на Пешевски, еден на Ѓоргиев и Јагуриноски и секако одбрани на Томовски.

Тука мечот влезе во неизвесна завршница, во која Петар Атанасијевиќ и Митев по долго време го вратија водството 27-25. Турција не го издржи притисокот, Македонија зголеми на 29-26 благодарение на Митев, кој се покажа како џокер на овој меч. Ова беше крајот на сите надежи на гостите, а причина за ново славје во нашите редови.

ПретходноСпектакл на “Енфилд“: Ливерпул во 15.минута имаше 3:0, во 90+3. беше 3:3, а во 90.+5.минута 4:3 и пораз на Тотенхем! (ВИДЕО)
СледноЛазаров: Честитки за момците, но има работи кои веќе нема да ги толерирам