Рома одигра 1:1 на домашен терен во дербито со Милан во 32. коло од италијанската Серија А. Иако Рома поведе во 93. минута, сепак не успеа да го задржи водството до крајот на натпреварот и прими гол во 97. минута за конечни 1:1. Жозе Мурињо истакна дека е горд на тимот со оглед на бројните проблеми со повредите.
„Ако зборуваме за нашиот настап, би рекол дека резултатот не е фер кон нас. Само ние можеме да играме вака против Милан, со оглед на сите тешкотии што ги имаме. Ние не сме богат тим, немаме широк кадар, тоа е голем проблем секогаш кога губиме играч, сега изгубивме повеќе од нив. И покрај сите овие тешкотии, борбата со Милан за четвртото место е неверојатна, само ние можеме да го направиме тоа. Тажен сум затоа што имавме три бода во наши раце, но јас сум повеќе горд отколку тажен“, изјави Мурињо.
Рома беше без стоперот Кумбула и напаѓачот Белоти поради повреди. По повредата на Кумбула, Мурињо беше принуден да го повлече играчот од средниот ред Немања Матиќ на стоперската позиција, но нема да може да смета на тоа решение на следниот натпревар бидејќи Матиќ беше суспендиран поради жолти картони.
„Нашиот женски тим го освои Скудетото, имаат многу добар играч на стоперската позиција, таа играше за Баерн, можеби може да игра и за нас“, се пошегува Мурињо мислејќи на Карина Венингер, Австријка која игра во Рома како позајмен од Баерн.