Коментар на 30.коло: “Најфудбалскиот град“ и официјално остана без Прва лига!

19543

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Она што се знаеше уште во јануари – февруари, во екот на зимскиот преоден рок, од вчера е и официјално. Победа испадна од нашата елитна лига а со тоа и Прилеп, нели нашиот “најфудбалски град“, остана без Прва лига. И сега Победа ќе “дреме“ во ВМФЛ во очекување на некои поубави времиња.

А таму следната сезона во таа ВМФЛ ќе играат Победа, Пелистер, можеби Вардар, некогаш гиганти на мак-фудбалот. Замислете во следната сезона во ПМФЛ ќе нема клубови од Прилеп, Битола, Велес, Куманово. Охрид и Гостивар веројатно ќе си добијат.

И, сега? Кој е виновен за тоа што и се случи на толку “саканата“ од прилепчани, Победа?

Двократен шампион на Македонија, освојувач на Купот, клубот кој ја донесе една Парма во Македонија кога тој италијански клуб беше еден од најдобрите 5-6 клубови во Европа во тој момент, сега тој клуб, сега таа Победа ќе игра во една Втора лига.

По поразот од Скопје вчера со 0:4, и дефинитивно, Победа испадна во Втора лига.

Штета за фудбалот во Македонија?

И како ли ќе личи следната сезона ПМФЛ без една Победа, Пелистер, можеби Вардар.

Видете, не се виновни клубовите, оние со строго приватен капитал што ќе играат и играат во ПМФЛ. Тие си имаат проект, си даваат и вложуваат пари.

За Победа, како тоа бре ниту еден бизнисмен во градот под Марков Кули, а ги има барем десет и тоа какви, не најде за сходно да го купи клубот и да ги вивне таму каде што му е местото, при врвот во мак – фудбалот.

Победа има се што треба. Историја, фанови, голема посета, но нема само едно, а тоа се – пари.

И затоа ќе биде таму кај што ќе биде.

Уште еднаш, Прилеп, Велес, Битола, Куманово…без ПМФЛ.

Запрепастувачки…

А што се однесува до останатите мечеви од 30.коло, Струга ТЛ со стил мина низ Штип и сега е на чекор до својата историска титула, Шкупи славеше во Кратово кај Силекс, Шкендија и се одмазди на Македонија ЃП за елиминацијата во Купот а Работнички во Кавадарци покажа дека во моментов е многу, многу подобар тим од Тиквеш.

Претходно„Душааан, Душааан“: Она кога Влаховиќ не го “рецка“ Алегри! (ВИДЕО)
СледноЧешка, Естонија и Израел се противниците на Македонија во Талин