Еуро Никел и ТФТ одиграа уште еден неизвесен натпревар, на крајот како победник излезе тимот од Тафталиџе кој славеше со минимални 72-76. Со победата, гостите израмнија на 1-1 во четвртфиналето на плеј-офот, па патникот во полуфиналето ќе биде познат во Скопје.
МекБраер со 20 поени беше лидер кај победникот, Костоски беше стрелец на 12 поени. На другата страна Планиниќ имаше 19 поени, два помалку запиша Балмазовиќ.
Домашниот тим по првата четвртина имаше предност од само два коша 24-22, иако во еден момент водеше со 20-12. ТФТ на стартот на втората четвртина со серија од 10-0 направи целосен пресврт, поведе со 28-34, на одморот замина со позитива од пет поени (42-47).
Во третиот период кавадарчани најдоа начин како да се вратат во натпреварот, поведоа со 63-62 пред стартот на последната четвртина, најава за нов неизвесен финиш. Во решавачките минути и двата тима беа слаби во реализација, а во една таква ситуација подобро се снајде тимот од Тафталиџе. Додека кавадарчани заборавија да реализираат, ТФТ успеа со пет поени во низа да поведе со 72-74 на нецела минута до крајот, која беше често прекинувана поради приговор на судиските одлуки и преглед на спорните ситуации.
Младеновиќ пропушти шанса да се избори за продолжение, не реализира две слободни фрлања, па за гостите останаа три секунди. Костоски застана на линијата за слободни фрлања, реализираше за 72-76.