Кошаркарите на Пелистер се последниот патник во полуфиналето на кошаркарскиот плек-оф. Во вечерашната четвртфинална „мајсторка“ во Битола, „зелено-белите“ убедливо со 81:56 славеа над екипата на Феникс 2010 и успеаја да им се приклучат на МЗТ Скопје А., Работнички и ТФТ кои веќе се полуфиналисти.
Првото полувреме помина во прилично израмнета борба, иако домашните со оние +4 од првата четвртина успеаја да заминат на пауза со минимална предност. Клучна за мечот се покажа третата четвртина во која битолчани доминираа и успеаја да ја добијат со фантастични 26:11, што го најави крајот на сезоната за скопскиот тим.
Во последниот период битолчани ја потврдија домиацијата и на крајот дојдоа до убедлив триумф, кој им донесе полуфинале против ТФТ.
Стајиќ со 19 поени беше прв поентер кај домашните, додека кај Феникс 2010 се истакна Хот со 22 поени.