Отвореното првенство на Македонија во шах влегува во својата завршна фаза, откако викендов беа одиграни партиите од првите пет кола, при што претставниците на ШК Алкалоид остануваат меѓу фаворитите за висок пласман.
ИМ Тони Лазов, по четири победи во низа, во петтото коло ремизираше со ИМ Никола Николовски, по што обајцата имаат по 4,5 бода и се наоѓаат на врвот на табелата.
ВМ Звонко Станојоски има идентичен број на поени, при што единственото реми, сосема неочекувано, го направи во второто коло со Давид Николовски, додека, пак, во синоќешното петто коло беше единствен од играчите на првите четири табли што оствари цел поен во дуелот со ФМ Андреј Велјаноски.
ИМ Филип Панчевски е веднаш зад нив во групата на играчи со по 4 поени, при што во четвртото коло најпрвин испушти шанса за минимална предност во завршница со истобојни ловци, а потоа, по нивната размена, поради мала непрецизност, во сосема еднаква реми позиција, го изненади противникот со тоа што се предаде поради превид при сопствената пресметка, сметајќи дека има загубена позиција.
Со ист број поени како него се и Филип Михов и Теодор Јовановски, како претставници од помладата генерација на играчи на нашиот најуспешен шаховски клуб.
Дамите играат на посебен турнир, при што женскиот ФИДЕ-мајстор Моника Стојковска со 4 победи од 5 кола е на врвот на табелата, заедно со Леа Ефтовска, која, исто така, има 4 поени, но со три победи и две реми.
Многу дилеми околу конечниот пласман ќе бидат расчистени по дуелите во шестото и во седмото коло, кога ждрепката предвидува меѓусебни партии на Стојковска со третата шахистка која има четири поени, Инџи Ајрадиноска, како и дуел меѓу двете шахистки на ШК Алкалоид, Стојковска и Ефтовска.