Пишува: Зоран Ѓоршоски
Иако остануваат до крајот на 31-шампионат во ПМФЛ во самостојна Македонија уште две кола, од вчера имаме нов шампион. Тоа е Струга ТЛ, кој постои, верувале или не само 8 години на фудбалската мапа. Ете толку им требаше на стружани, односно на спонзорот Трим Лум, од најнизок ранг да дојде на врвот на фудбалска Македонија. Во својата четврта сезона во ПМФЛ дојде до титулата, а има шанса да дојде и до двојната круна, ако се знае дека Струга ТЛ на 20 мај ќе игра во финалето на Купот на Македонија против Македонија ЃП.
Ете ја шансата славјето да биде двојно.
Струга ТЛ е деветтиот клуб во Македонија кој во изминатите 31 сезони се закитил со епитетот – најдобар. Вардар (11), Работнички (4), Шкендија (4), Шкупи (4), Силекс (3), Победа (2), Македонија ЃП, Ренова и Струга ТЛ (1).
Тоа се екипите кои биле шампиони.
Уште еден интересен факт. Струга е само петтиот град во Македонија кој станал шампионски, по Скопје, Кратово, Прилеп и Тетово.
Уште поинтересно, Струга ТЛ ја прекина доминацијата на Скопје и Тетово која траеше 16 години. По таа 2007 година кога Победа (Прилеп) беше првак, па во следните 16 години само екипи од Скопје (Работнички, Вардар, Македонија ЃП, Шкупи) и Тетово (Ренова, Шкендија) биле шампиони.
И затоа овој успех на Струга ТЛ е уште поголем, посебно ако се знае дека градови како Битола, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Велес, Кавадарци и други, ниту еднаш не осетиле како е тоа да имаш клуб кој е најдобар во Македонија.
За тоа како и зошто токму Струга ТЛ е најдобар, и тоа пред Шкендија и Шкупи, ќе анализираме кога и официјално ќе заврши првенството следниот понеделник.
Сега останува само да им честитаме на сите во Струга ТЛ на овој сензационален и заслужен успех.
Што се однесува до вчерашното 31.коло нема што многу да се говори. Мега – дербито му припадна на Шкупи, Шкендија и натаму не знае како да се победува на новиот Чаир, а кога мечевите немаат резултатско значење тогаш тука има и „дожд од голови“ па и неверојатни резултати како 5:4, 7:0, 1:4.
Вкупно паднаа 27 голови или во просек по 5,4 гол на секој меч.
На крај, откако неговиот тим, на свој терен, беше декласиран од одличниот Тиквеш со 1:4, Александар Васоски си поднесе неотповиклива оставка на местото шеф на струката на Академија Пандев.