Откако пред два дена и официјално стана првак на Македонија, Струга ТЛ во претстојното лето ќе ја претставува нашата земја во квалификациите на Лигата на Шампионите и тоа во 1.коло.
Ждрепката ќе биде на 20 јуни, кога ќе го дознае ривалот за првото, но и за евентуално второ коло во ЛШ. Мечевите од 1.коло се играат на 11/12 јули и 18/19 јули. Со оглед на тоа дека стружани имаат слаб ранкинг тие ќе бидат во групата на неносители во ждрепката.
Можни ривали, барем засега, се Ференцварош (Унгарија), Астана (Казахстан), Хелсинки (Финска), Флора Талин (Естонија),Жалгирис (Литванија), Шамрок Роверс (Ирска), Њу Саинтс (Велс), Олимпија Љубљана (Словенија). По завршувањето на првенствата во Европа ќе се знаат и останатите можни ривали.
Повеќе од јасно е дека нашиот шампион, од настапот во квалификациите во ЛШ, од најмалку четирите европски мечеви од УЕФА ќе добие најмалку еден милион евра, сума што и тоа како е значајна за нашите клубови.
Секако, да не заборавиме и ова.
Во случај Струга ТЛ да успее да го мине првото квалификациско коло во ЛШ ќе игра во второто и ќе има загарантиран пласман во 3.квалификациско коло во ЛЕ, но и загарантиран пласман во плеј – офот во ЛК, она што го имаше Шкупи минатото лето.
Во случај на елиминиција на стартот од квалификациите во ЛШ, тогаш Струга ТЛ ќе се најде во 2.калификациско коло во ЛК, се разбира во шампионскиот пат.
Инаку ова за Струга ТЛ ќе биде второ излегување во Европа. Во летото 2021 година, стружани беа елиминирани од летонската Лиепаја во 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции.
Секако за крај, Струга ТЛ своите натпревари во Европа,кога ќе биде домаќин, ќе ги игра на СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид, ете шанса заедно и стружани и охриѓани да гледаат европски натпревари и да му дадат поддршка на на нашиот шампион.