Фудбалскиот клуб Раков сензационално е нов шампион на Полска. Клубот кој е формиран пред 102 години, конечно, дочека да се радува на првата шампионска титула во Полска и со тоа да го надмине претходниот успех, освојувач на Купот во сезоните 2020/21 и 2021/22.
Раков доаѓа од градот Ченстохова, 200 километри југозападно во главниот град Варшава, а се работи за клуб на работничката класа кој првично е формиран во селото Раков, кое во 30-тите години на минатотиот век се спојува со градот Ченстохова.
И покрај тоа што постои преку еден век, клубот немал успеси на фудбалски план. Освен финале во Купот во 1967 година, граѓаните на Ченстохова се немаат радувано на фудбалски успеси. На клубот му требале 73 години за прв пат да заигра во елитната полска лига.
ПРОБЛЕМИ НА ПОЧЕТОКОТ НА НОВИОТ МИЛЕНИУМ
Кон крајот на деведесеттите години и почетокот на новиот милениум, Раков поминува низ големи проблеми. Прво паѓа во Втората лига, следната сезона и во Третата лига, а во меѓувреме клубот останува и без главниот спонзор, локалната челичарница, со што се појавуваат и финансиски проблеми.
По само неколку кола во новата сезона играчите добиваат дозвола да си побараат нови клубови, па клубот бил принуден да игра со јуниори па ефектот бил катастрофален – порази од 2:9 и 6:0, 0:10…
Со 7 бода и гол разлика од 16-139, Раков се сели во Четвртата лига.
„Наскоро ќе останат без лига, затоа што нема подоле“, иронично се смеат фановите на другите клубови.
„Црвено-сините“ не паднале подоле, но поминале четири сезони во Четвртата лига.
ПОМОШ ОД БЛАШЧИНКОВСКИ ЗА ЕКИПАТА, СВИРЖЕВСКИ СО СВОЈАТА КОМПАНИЈА ВЛЕГУВА ВО КЛУБОТ
Раков се соочил со уште еден кризен период, во сезоната 2009/10 година по заминувањето на претседателот Валдемар Борковски. По неговата ера, клубот паднал во очајна финансиска состојба, поради што голем дел од играчите морале да се откажат од богатите договори.
ФОТО: Блашчиковски станува амбасадор на Раков
Рака за спас пружил еден од најдобрите полски фудбалери, Јакуб Блашчиковски кој финансиски го помогнал клубот во кој ги направил првите фудбалски чекори. Блашчиковски, тогашен полски репрезентативец и фудбалер на Борусија Дортмунд го помагал клубот во тие тешки моменти. Во 2011 година во клубот, тогаш третолигаш, влегува Микел Свиржевски, со неговата ИТ компанија x-kom, лидер во Полска во продажба на компјутери и компјутерска опрема.
Од јули 2011 година почнува новата ера на Раков, поточно подемот.
„Зошто одлучив да инвестирам во овој клуб? Затоа што видов група на луѓе желни за работа, спремни да го дадат срцето за клубот. Нивната пасија, пожртвуваност и спремност да се промени клубот беа клучни. Сакавме да го реконструираме клубот. Направивме добар концепт и тргнавме да го градиме“, објасни Свиржевски.
ОД 2020 ГОДИНА ДО СЕГА – ОСВОЕНИ ПЕТ ТРОФЕИ, МЕЃУ КОИ И ШАМПИОНСКИОТ
Во сезоната 2019/20 клубот заигра во полската Екстракласа (најсилниот ранг). Следната сезона вицешампиони на Полска и освојувачи на Купот и Суперкупот. Во 2021/22 вицешампиони и освојувачи на полскиот Куп и Суперкупот и настап во Европа.
2022/23 шампиони на Полска и финалисти на Купот на Полска.
Раков дефинитивно е во подем. Во конкуренција на клубови како Легија, Погон, Лех, Краковија, Горњик Забже да се биде најдобар не е мала работа.
По 31 коло имаат 22 победи, пет ремија и четири порази и 11 бода предност во однос на второпласираната Легија. До крајот има уште три кола.
Идната сезона ќе го гледаме Раков во дебито на Лигата на шампионите и во борба за Суперкупот на Полска.