По 13 години еден италијански тим ќе игра финале во Лигата на шампионите. Милан или Интер, двата клуба од градот на „модата“ ќе се соочат вечер во полуфиналето на Лигата на шампионите (Милан формално како домаќин) од 21:00 часот на „Сан Сиро“.
Тое е првпат миланските гиганти да играат меѓу себе во ЛШ после четвртфиналето во 2005 година кое беше прекрстено во „срамно дерби“ кога Милан помина во полуфиналето, меѓутоа реваншот беше прекинат поради тоа што навивачите на Интер правеа нереди и ги гаѓаа фудбалерите со запалени факели.
Ова ќе биде четврто меѓусебно соочување сезонава со тоа што и двете екипи имаат по една победа во првенството, „Росонерите“ славеа со 3:2 во септември, а „нероаѕурите“ со 1:0 во февруари, а тие победија и во мечот од Суперкупот.
Она што создава главоболки за тренерот на Милан, Стефано Пиоли е повредата на Рафаел Леао кој ќе го прескокне овој меч. Тој е еден од највлијателните играчи во тимот со 13 голови и 10 асистенции вкупно. Доколку не може да помогне, неговото место ќе го заземе Алексис Салемакерс.
На спротивната страна вон стројот се Милан Шкринијар, Далберт и Гусенс поради повреди.
Милан во последно време западна во мала криза затоа што забележа три победи на последните 10 меча, па им виси местото во ЛШ идната сезона. Затоа Пиоли фокусот го става на овој дуел и триумф во ЛШ.
„Сезонава ни е полна со подеми и падови. Сепак кога зборуваме за ЛШ сме многу мотивирани. Ќе се обидеме да не мислиме на шампионатот и да го поминеме овој чекор (Интер) и да се пласираме во финалето“, изјави Пиоли.
Милан го нема освоено трофејот во ЛШ од 2007 година кога го совладаа Ливерпул во финалето во Атина.
„Ова не е обично дерби. Ова е дерби на дербијата. Најважниот меч за двата тима во последните 10 години. Мирни сме, сконцентрирани и мислам дека ќе одиграме добро. Дуелите ќе бидат неизвесни и мислам дека нема да биде решен победникот уште по првиот меч, ќе биде потребна одлична игра во 180 минути“, изјави стратегот на Интер, Симоне Инзаги.
Интер го нема освоено трофејот во ЛШ од 2010 година кога го победија Баерн во финалето во Мадрид.
МОЖНИ СОСТАВИ
МИЛАН: МАЊАН – КАЛАБРИЈА, ТОМОРИ, КЈЕР, ХЕРНАНДЕЗ – ТОНАЛИ, КРУНИЌ – ДИАЗ, БЕНАСЕР, САЛЕМАКЕРС – ЖИРУ
ИНТЕР: ОНАНА – ДАРМИЈАН, АЧЕРБИ, БАСТОНИ – ДАМФРИС, БАРЕЛА, БРОЗОВИЌ, МХИТАРЈАН, ДИМАРКО – МАРТИНЕЗ, ЛУКАКУ