Коментар на 32.коло: Дербито под Шара покажа кој е кој, Шкупи остана без најдобриот!

344

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера се одиграа мечевите од 32.коло во ПМФЛ. По поразот на Скопје во Кавадарци, се одгатна и последната непозната во овој шампионат кој завршува во недела со натпреварите од 33.коло. Па така сега и дефинитивно се знае дека “пиратите“ ќе играат во баражот против Вардар.

Искрено вчера под Шара се очекуваше Шкендија да биде таа што повеќе ќе “гризе“, да игра, да победи ако се знае дека пред три-четири дена во Струга ТЛ се славеше титулата, и овој меч за новиот шампион не значеше ништо.

И ништо од тоа. Гостите одиграа онака за себе, мераклиски, борбено, гинеа за секоја топка. И затоа и победија со двата гола на Буњамин Шабани. Ете, така се освојува титула и ете како Струга ТЛ на најдобар начин покажа кој е кој во моментов во ПМФЛ.

Фреди Алварез не е веќе член на чаирчани. Она што “Спортмедиа“ го најави, од вчера е и официјално. Интернационалецот од Костарика си замина во Тајланд каде ќе ја продолжи својата кариера. Штета, навистина беше уживање да се следат неговите настапи, голови, атрактивни акции. Алварез беше убедливо најдобриот во тимот на Шкупи во ппоследните сезони, тој е еден од најдобрите странци кои некогаш играл во ПМФЛ. Тоа го потврди и со тие 20 голови и неверојатните 57 асистенции на 105 натпревари за Шкупи. Биланс за поздравување.

Да, вчера Шкупи со 3:0 ја победи Македонија ЃП чии фудбалери веќе се со мислите кон финалето на Купот.

Силекс на свој терен славеше против Работнички со 2:0, Тиквеш беше убедлив со Скопје и триумф од 4:0, Брегалница и А.Пандев одиграа 1:1.

Во недела завршува оваа 31-ва сезона во ПМФЛ во самостојна Македонија.

ПретходноТИМ И ИГРАЧ НА 32.КОЛО: Шабани ја “среди“ и Шкендија
СледноКуп на Македонија: Пелистер прв финалист!