Денеска со полуфиналните пресметки во машка конкуренција стартува Купот на Македонија. Домаќинот на годинешното натпреварување е Охрид, поточно салата „Билјанини Извори“, која во сабота ќе ги даде победниците во машка и во женска конкуренција.
Ждрепката најмногу им се насмевна на битолчани. Пелистер има шанса сезоната да ја завршат на најдобар начин, во своите витрини да го додадат и пехарот од Купот на Македонија. Добро е познато дека само две кола го делат од титулата во шампионатот, па сонот на секој битолчанец ќе стане реалност.
За противник го имаат тимот на Пролет, кој иако игра со млад состав, сепак успеа да дојде на завршницата во Купот на Македонија, што пак е доволна наградата. Пелистер и Пролет го отвараат полуфиналето, дуелот е закажан во 17:30 часот.
Вардар 1961, кој е бранител на пехарот, откако не го доби мечот за титулата во Битола, сега останува да се теши токму со освојување на Купот на Македонија, кој воедно ќе биде и спас на сезоната.
Но, Владо Недановски и неговите избраници на патот до финалето го имаат незгодниот состав на Алкалоид.
Дебитантот во Супер-лигата предводен од Кирил Лазаров веќе испиша историја со самиот пласман на Ф4, но може да направи уште еден чекор, кој и тоа како ќе биде круна за сезоната за која ниту самите не сонуваа. Веќе еднаш го победија Вардар 1961, па веќе нема да биде чудо доколку тоа го сторат и вечерва.
Стартот е закажан во 20 часот, и двата меча ќе бидат директно пренесувани на МРТ.
ВАРДАР 1961 ОСАМЕН НА ВРВОТ СО 15 ТРОФЕИ, ПЕЛИСТЕР ИМА ПЕТ!
Вкупната табелата на освоени пехари во Купот на Македонија веќе одамна го има истиот изглед, поточно лидер е токму Вардар, кој го брка 16 трофеј во својата историја. Веднаш зад него е градскиот ривал Металург со шест, додека Пелистер има пет, следат Борец, Куманово и Тутунски Комбинат со по еден.