Томовски ја „спушти ролетната“ против Алкалоид и го лансираше Вардар во Куп-финалето!

325

Вардар 1961 ја научи лекцијата, не му дозволи на младиот состав на Алкалоид да дојде до нова победа со која ќе го отпише од шансата да дојде до трофеј оваа сезона. Бранителот на Куп-пехарот славеше со убедливи 22-31 во второто полуфинале и си закажа нова средба со Пелистер.

Херојот на „црвено-црните“ се вика Мартин Томовски, кој запиша 17 одбрани, девет во првото полувреме. Благодарение на неговите интервенции, Вардар брзо го скрши отпорот на противникот. Прв стрелец беше Манасков со 12 гола (6 од седум метри), Георгиевски постигна шест гола. Кај Алкалоид Серафимов постигна шест гола.

Избраниците на Кирил Лазаров беа рамноправен противник само во првите десет минути. По 5-5 во десетата минута и пропуштената шанса на Алкалоид да поведе за првпат на мечот, Вардар одговори со серија од 6-0 и во 21 минута поведе со 6-11, сето ова благодарение на неверојатниот Мартин Томовски, кој  ја спушти ролетната. Првиот гол за условно кажано за домаќинот го постигна Стојковиќ, после 11 минута. Но, тоа не беше доволно да се дојде до негатива која би ветила кам-бек. На одморот беше 9-14.

Веднаш на стартот на вториот дел, Вардар 1961 поведе со 10-17, 12-19, 13-20 и 14-21. Иако се чинеше дека ова ќе биде лесна завршница, сепак младите момци на Лазаров не подлегнаа. Вардар застана, Алкалоид се издигна, се врати на 19-22 на средината на второто полувреме, во серија од три одбрани влезе Галевски.

Недановски повика тајм-аут, неговиот тим успеа да влезе во нов ритам и да се искачи на плус седум (21-28) во 54. минута. Искуството на крајот „исплива“ на површина, Алкалоид останува да биде задоволен со тоа што успеа да се пласира на Ф4, за првпат во историјата.

Финалето меѓу Вардар и Пелистер е закажано за во сабота.

ПретходноЧави го повика Хуанда во првиот тим, момче кое постигнало 103 гола во една сезона
СледноБарселона со демант: Не сме казнети за нерегуларности при исплата на играчите