Вардар 1961 останува „господар“ на Куп-пехарот!

270

Пехарот во Купот на Македонија останува кај Вардар, кој во финалето го совлада Пелистер со 26-25 и му се одмазди за поразот пред една недела. За најтрофејниот тим ова е 16. трофеј во ова натпреварување и воедно утеха за загубената титула.

Владо Недановски на оваа средба не сметаше на Дејан Манасков, кој се повреди на полуфиналето со Алкалоид, а во игра не влезе Томислав Јагуриноски.

Моралес и Фереира постигнаа по седум гола кај победникот, на другата страна Хосни и Суси имаа по пет погодоци.

Вардар 1961 уште од самиот старт го превзема водството, битолчани ниту еднаш не се најдоа во ситуација да водат. Отвори со 4-1 во осмата минута, по што Александар Јовиќ мораше да повика тајм-аут, неговите момци првиот гол го постигнаа во шестата минута. Со нова серија од 3-0, „црвено-црните“ поведоа со 8-3, позитива која ја одржуваа до пред крајот на првото полувреме (16-11).

Пред одморот и по него, Ојлески со два гола доближи на 16-13. Талески со четвртиот гол зголеми на 17-13, а Вардар не реализира два напади. На крилата на Урбан Лесјак (четири одбрани), Пелистер се врати во достижна негатива, намали на 17-15, 19-17. Пешевски во 41. минута доближи на 19-18.

Вардар имаше одговор на оваа игра на противникот. Со серија од 5-1 (Дутра, Талески и Стојановски) зголеми на 24-19 во 49. минута. Во меѓувреме, Јовиќ бараше начин како да внесе свежина, фактор, кој ќе ги подигне момците. Влезе Кизиќ на местото на Лесјак, шанса доби и Танкоски. И двајцата имаа удел во кам-бекот, Пелистер се врати на 24-23 во 54. минута.

Талески постигна важен гол за 25-23. Борко Ристовски запиша важна одбрана, Дутра со седмиот погодок зголеми на 26-23 на четири минути до крајот. Павле Атанасијевиќ и Кузманоски сепак на минута до крај донесоа драма (26-25), ги казнија двата нереализирани напади на Вардар.

Беше вистинска бркотница на теренот, Талески не реализираше, останаа десет секунди за Пелистер не ги искористија за голема радост во редовите на бранителот на трофејот.

ПретходноВМФЛ: Воска и Гостивар со стил во Прва лига, Вардар поразен во Гевгелија….
СледноИзбегнат поголем инцидент во „Билјанини Извори“ (ВИДЕО)