Македонските претставници во АБА2-лига оваа сезона, Пелистер и ТФТ денеска ќе ги вкрстат копјата во полуфинална пресметка во плеј-офот. Домаќин е битолскиот тим, дуелот е закажан со почеток во 18:30 часот.
Екипата од Тафталиџе ја доби средбата во СРЦ „Кале“ со (95:90), следуваше убедлив реванш на битолчани пред својата публика (92:69).
„Зелено-белите“ беа поуспешни во оној натпревар на неутрален терен во спортскиот комплекс на Златибор, дел од првото коло од АБА 2 лигата. Победија со сигурни (75:65), и направија добра увертира во она што следуваше, пласманот во плеј-офот за место кое води во АБА 1 лигата.
Предводникот на тимот од Тафталиџе вели дека целите се остварени, сепак тие максимално мотивирани ќе излезат против Пелистер, противник со кого добро се познаваат.
„Би повторил дека иако наши цели во однос на пласман и резултати за сезонава се веќе остварени, максимално сериозно се подготвуваме за полуфиналната серија со екипата на Пелистер. Противник со кој добро се познаваме и со кој сезонава веќе имаме одиграно три натпревари, и противник кој ке ја има предноста на домашниот терен во оваа серија.
Играчки добро се подготвуваме. Противникот е добро скаутиран, и не е тајна дека доколку сакаме да се надеваме на успех ќе мораме да ја спречиме нивната транзиција во нападот, како и да се избориме со нивната агресивност на периметарот. Она на што посебно обрнуваме внимание од аспект на подготовка е психолошкиот момент и што е потребно да се победи во една ваква серија на гостински терен, и тоа во Битола.
Ми се чини дека ‘тромечот’ со Еуро Никел 2005 ни даде некоја поинаква слика за нашите можности каде најпрво екипата покажа карактер и резистентност во борбата да се обезбеди пласман во полуфиналето и покрај воведниот пораз на домашен терен. А кошаркарски можеби ги одигравме и трите најдобри дефанзивни партии годинава, лимитирајќи го противникот на границата од 70 постигнати поени.
По овој рецепт и со надеж дека би имале подобра офанзивна игра и шутерски ден, се надевам дека можеби можеме да избориме историско финале за нашиот клуб и ‘Тафта’, нашата населба“, изјави Боро Смилковски.
Пелистер пак има цел да дојде до финалето, кое би требало да ги оправда сите вложувања во клубот. Марјан Илиевски на располагање има конкурентен состав, кој посакува на Битола да и донесе нова радост оваа сезона.