Пелистер максимално ја искористи предноста на домашен терен во полуфиналето на плеј-офот против ТФТ. Битолчани без мака го совладаа тимот од Тафталиџе со 100-80 и поведоа со 1-0, победа во Скопје ќе значи и пласман во финалето.
Марјан Илиевски и неговите избраници имаа поддршка од трибините, а битолчани испратија порака дека сакаат титула.
Хаџифејзовиќ со дабл-дабл од 32 поени и 12 скока беше лидер кај победникот, зад него со 23 поени беше Маслинко. На другата страна, Костоски беше осамен со 19 поени.
Првата четвртина практично беше одлучувачка за крајниот исход. Домаќинот поведе со 19-2, подоцна позитивата беше 30-11, додека првата четвртина заврши со резултат 34-18. Во следедниот период гостите беа рамноправен противник, но тоа пак не беше доволно за да се размрдаат редовите на Пелистер, кој на одморот имаше убедливи 62-43.
Сликата не се промени ниту во следните две четвртина, битолчани не им дозволија на кошаркарите на ТФТ да се вратат на оваа средба и да приредат драма.
ТФТ ќе има шанса за неколку дена на домашен терен да се избори за „мајсторка“, бидејќи серијата се игра во две победи.