✍️ Марија Ковачева
Македонија испрати уште една срамна порака во светот и тоа од спортски натпревар, одигран на домашен терен, меѓу два домашни тимови, во случајот Вардар 1961 и Пелистер во рамките на финалето на Купот на Македонија.
Синоќа видовме дека го допревме дното како нација.
Ниту во сон немаше да помислиме дека едно унформирано лице (полицаец), претставник на државната безбедност со пендрек, без милост, полно со гнев, ќе се осмели, ќе се дрзне да го удри Филип Талески по глава.
Видеото кое излезе на социјалните мрежи ја згрози цела нација, а истото со брзина на светлината се прошири и во другите земји. Странските новинари се во чудење и неверување, се прашуваат дали добро гледаат, дали навистина во Македонија со пендреци се удира по македонски репрезентативци.
Да, вчера Македонија удри по своето чедо, по чедото кое со години гордо го носи националниот дрес, чедото кое ја остава последната капка пот за својата држава, чедо кое не жали за ниту еден удар добиен додека игра под македонското сонце.
Наместо тоа истото лице да го брани своето чедо, тој удри по него. Во целата мешаница во средина застана странски ракометар, за кого овој потег сигурно е чуден и шокантен, бидејќи во секоја земја, освен во Македонија, никој не се дрзнува да направи ваков срамен потег.
За ова нема оправдување.
Пендрекот не боли, боли дното од човек во униформа на полицаец.
Пендракот кој е доказ дека во нашата земја сите вредности се погазени – на едно место сила, на други сами се удираат од “пајак”, при очи се прават слепи, а покажуваат сила за 10 кебапчиња, кај бабички по пазарите…сега и врз македонскиот репрезентативец.
Одговорните во државата за вантрешна безбедност, заедно со премиерот и претседателот на државата мора да се појават и да одговорат зошто Македонија почна да ги тепа своите бисери.