Талески за СПОРТМЕДИА: За жал, ова најмалку треба да биде слика од еден спортски настан!

3324

Македонската јавност се уште не може да се помири со фактот дека македонскиот репрезентативец, Филип Талески вчера по завршување на финалето во Купот на Македонија меѓу Вардар 1961 и Пелистер, беше удрен со пендрек по глава од страна на полицаец.

Овој момент ја згорзи целата нација, се бара одговор од страна на надлежните институции во државата, се бара одговорност, не само од лицето во униформа, туку и оние кои му дозволиле да ја извршува оваа одговорна работа, во која пендрекот не треба да биде решение, не само за случајот на Талески, туку општо.

СПОРТМЕДИА стапи во контакт со македонскиот репрезентативец, кој веќе беше во полициска станица и даде изјава за случајот. Адвокатите на Талески ќе поднесат тужба, па случајот ќе биде решен и по судски пат.

„Добар сум“, ни рече Талески, на прашањето како се чувствува денеска.

Бидејќи ќе има судски процес, тој на кратко ни објасни што се случило и воедно потенцира дека имал среќа што навреме видел како полицаецот замавнува со пендрекот, па колку толку го избегнал најлошото.

„Среќа што го видов на време, во спротивно ударот ќе беше многу пофатален“, вели Тале и продолжи:

„Ова, за жал, најмалку треба да биде слика од еден спортски настан. Играчите треба да бидат заштитени од лицата за јавна безбедност, а не спрoтивното. Покрената е постапка, овој случај ќе се решава пред органите на државата. Не би сакал повеќе да се мешам, ниту да додавам“, изјави Талески.

ПретходноХаварија на Арсенал, Брајтон со лекција на „Емирати“ (ВИДЕО)
СледноРома со бод од гостувањето кај Болоња