Пишува: Зоран Ѓоршоски
Вчера со мечевите од последното 33.коло и официјално заврши првенството бр.31 во самостојна Македонија. Струга Трим Лум вчера ја имаше шампионската промоција, овој тим уште минатата недела стави печат на титулата, и се е кажано за стружани и секако секоја чест на чудото што овој клуб го направи.
По триумфот над Шкупи вчера следуваше голема прослава, заслужено.
Шкупи е втор а Шкендија трета. Чаирчани и нема што да жалат, самите си се виновни по сите перипетии што се случуваа сезонава во и надвор од клубот, на крајот извади ја максимум.
Шкендија пак со уште еден голем неуспех. Фрлени милиони евра, за последните две сезони околу 5,5 милиони, барем така се шпекулира во јавноста, а нема ниту еден трофеј.
Е, тоа е навистина е голем неуспех.
Сега за Брегалница и Тиквеш. И двата тима ги остварија своите најдобри пласмани, “сините“ во последната деценија со тоа 5.место, а Тиквеш со тоа 6.место го оствари најдобриот пласман во клупската историја.
За ова секако се заслужни младите и квалитетни тренери Горан Здравков (Брегалница) и Ѓоко Мојсов (Тиквеш).
Силекс е четврти, имаше шанса и за нешто повеќе, дури и за Европа, но сепак кратовци едноставно не издржаа во таа трка. Да, Силекс имаше квалитет, па и квантитет што се вели, но сепак првите три екипи се ниво над кратовци.
Македонија ЃП се “спаси“ со пласманот во финалето. Клубот од Ѓорче мораше и можеше повеќе од тоа седмо место. Генерално кажано сезоната ќе биде супер успешна само ако го освојат купот, ако не, е тогаш…
Работнички и А.Пандев како осма и деветта екипа на табелата се тотално разочарување. Ова е веќе петта година по ред во која клубот од Градски парк не излегува во Европа, а тоа е лошо, многу лошо за Работнички.
Бадијала сите тие таленти ако не играш во Европа, тогаш никој не те третира. И затоа тешко се прават трансфери како оној на Тошевски на пример.
“Пандевци“ пак се посебна приказна. Од тим кој беше проектиран за да игра и за титула, дојде да се спасува во друштво на Скопје и Победа.
Колку и да е тоа убава приказната со “Брера“ и се останато, сепак на крајот кога ќе ја видиш табелата тогаш јасно станува дека работите не одат во посакуваната насока.
И затоа Александар Васоски си замина, тој не е тренер за тим кој што се бори за опстанок во ПМФЛ.
Скопје во рамките на своите можности. Ако дојдеше Јонуз малку порано можеби “пиратите“ директно ќе се избореа за опстанок, вака мора преку Вардар во баражот да се изборат и следната сезона да играат во елитата.
Да, Скопје е голем фаворит, има за класа подобар тим од Вардар, за тренерите да не говориме, но сепак кога се игра еден меч, е тогаш се е можно.
И на крај Победа…
Едноставно таа е “загубена приказна“, со ваква поставеност во клубот којзнае кога пак ќе игра во ПМФЛ.
Штета, навистина штета ако се знае дека прилепчани кога играа дома имаа најголема посета на трибините.
Ама….