Првиот техничар на репрезентацијата најави пензионирање: Деспотовски се повлекува по Европското првенство

244

Првиот организатор на играта на нашата одбојкарска репрезентација, Филип Деспотовски ќе ги одигра последните две големи натпреварувања во дресот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија. Откако последната сезона ја помина во редовите на шампионот Струмица Никоб, искусниот 36-годишен техничар најверојатно и ќе ја заврши комплетната играчка кариера, а повлекувањето од репрезентацијата веќе го најави.

„Овие два турнири се последни во мојата репрезентативна, а можеби и во мојата играчка кариера. Веќе им најавив и на селекторот и на Федерацијата дека се повлекувам. Се надевам дека заминувањето од репрезентативниот дрес ќе биде на најдобар можен начин, со голем успех на Европското првенство и претходно со одличен настап во Европската Златна лига“, вели Деспотовски.

Иако се уште нема дефинитивно одлучено, по ЕП 2023 ова лето Деспотовски може да ја заврши и кариерата.

„Размислувам се уште, но голема е веројатноста. Засега не сум разговарал за нов клуб и останува дефинитивно моето репрезентативно пензионирање“, заврши нашиот репрезентативец.

ПретходноПСЖ му го понудил Нејмар на Манчестер Сити во замена за Бернардо Силва
СледноАлегри: Не беше лесен натпревар