Екипата на Интер се пласира во финалето на Лигата на шампионите за прв пат по 13 години. Вечерва на „Меаца“ по вторпат го совладаа лутиот ривал Милан, овојпат со 1:0 и со вкупни 3:0 го исфрлија во полуфиналето на најголемото клупско натпреварување.
Во првото полувреме немаше голови иако имаше три убави шанси на двете страни. Во 11 минута Милан можеше да поведе, Диаз биеше од десеттина метри, меѓутоа Онана фантастично одбрани. 38 минута Рафаел Леао се најде во одлична ситуација, но неговиот удар заврши покрај голот на Онана.
Во 39 минута шанса и за Интер. Чаланоглу нафрли, Џеко малку ја закачи топката, а голманот Мањан фантастично одбрани.
Сепак, во вториот дел, поточно во 74 минута Мартинез ја погоди мрежата на противникот и им ја направи задачата на „росонерите“ пеколно тешка (ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ГОЛОТ НА ОВОЈ ЛИНК). До крајот резултатот не се смени и така „нероаѕурите“ се најдоа во ситуација да атакуваат на четвртиот трофеј од ЛШ во историјата.
Финалето ќе се игра на „Ататурк“ во Истанбул, а противник ќе им биде подобриот од мечот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити. Првиот меч меѓу овие ривали заврши 1:1.