Хрватите некомплетни почнаа со подготовки за Златната лига и дуелите со Македонија

146

Една од селекциите кои се противници на нашата машка одбојкарска репрезентација во рамките на европската Златна лига, селекцијата на Хрватска, дури денеска во словенечкиот спортски центар Драш во Марибор ги почна подготовките за престојните натпревари.

Селекторот Седрик Енард кој пдооцна ќе се приклучи на тренинзите на 17-те повикани одбојкари, засега се уште не може да смета на комплетниот ростер, затоа што Марелиќ и Ѓирлиќ се уште имаат клупски обврски. Покрај нив кои треба да почнат со репрезентативни тренинзи подоцна, го нема и коректорот Филип Шестан, кој е соиграч на нашиот капитен Никола Ѓорѓиев во словенечкиот првак АЦХ Волеј. Шестан  е на рехабилитација и ќе биде дел од селекцијата за мечевите во Златната лига кои Хрватска ги почнува со меч против Белгија на 27 мај.

„Голема е желбата кај сите нас, да играме во Светската лига. Видовме дека таму се пласираа девојките, па добивме и уште поголем мотив. За тоа е потребно да се игра финалето на Златната европска лига и потоа преку Челинџер да се пласираме во ВНЛ“, вели еден од тренерите на репрезентацијата, Томислав Ќошковиќ.

За разлика од нашата репрезентација, Хрватска закажа пријателски средби пред првиот меч од Златната лига. Од петок до недела Хрватите ќе одиграат три меча со Словачка.

ПретходноШест ѕвезди влегоа во трка за наградата „Играч на сезоната“ во Премиер лигата
СледноПроблем за Денвер: Џамал Мареј не игра на првиот меч со Лејкерс?