Предмалку тимот на Шкендија објави дека од клубот летово си заминува еден од најдобрите фудбалери во историјата Ферхан Хасани.
Капитенот на Шкендија се разделува со неговиот матичен клуб, очигледно како дел од реконструкцијата на екипата која што следува по неостварените цели изминатата сезона. По заминувањето на Ќатип Османи од местото, шеф на стручен штаб ете сега, Шкендија останува и без капитенот.
„ Ферхан Хасани е еден од фудбалерите со голем придонес во историјата на Шкендија. Неговото име се поврзува со повеќето успеси на клубот и тој секогаш ќе остане икона на нашиот тим. Негова оценка е дека ова е моментот за повлекување од клубот и ние го испочитувавме неговото барање“, изјави спортскиот директор на КФ Шкендија, Харун Иса.
„ Мислам дека е време да им се даде повеќе простор на новите генерации. Чувствувам дека немам што повеќе да понудам на терен и ценам дека моето место може да го искористи некој друг. Шкендија е дел од мојот живот и на клубот му посакувам се најдобро. Би играл уште една сезона во некоја пониска европска лига каде што обемот на работа може да се прилагоди на моите физички можности, пред конечно да ја завршам кариерата како фудбалер“, вели поранешниот капитен на Шкендија, Ферхан Хасани.