Одбојкарките го засилија темпото на подготовки, отпадна можноста за контроли со Црна Гора

125

Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија влезе во втората фаза од подготовките за историскиот настап во Европската Сребрена лига 2023. Дамите по долга пауза се враќаат на европската сцена на крајот на овој месец, кога ги очекуваат првите три пресметки со Австрија, Летонија и Естонија и тоа сите на домашен терен во Скопје.

Селекторот Стефан Пауновиќ иако планираше, сепак нема да има можност да направи неколку контроли пред првите дуели во Сребрената лига, затоа што обидите за пријателски средби со Црна Гора очигледно нема да се реализираат.

„По се изгледа нема да имаме ниту еден контролен меч пред дуелите во Сребрената Лига. Ние работиме според планот, девојките се одлични, ангажирани и со голема желба и мотив за да се претстават во најдобро светло. Јасно ни е дека ова е наш почеток. Првпат сме во ваква ситуација и целта е да го изодиме патот кој го мина машката репрезентација во последните 15 години. Чекор по чекор да ги повториме нивните успеси. Задоволен сум од работата досега, сите одбојкарки се добри и се надевам дека во таква состојба ќе ги дочекаме престојните натпревари“, вели Пауновиќ.

Одбојкарките по првата фаза во Маврово сега работат во Скопје очекувајќи ја финалната глазура на формата пред тримечот кој следува на домашен терен, па потоа и трите гостувања кај истите противници.

ПретходноШкендија е освојувач на Купот за помлади пионери! (ФОТО)
СледноКалин во 1/8 финалето на вториот турнир во Куршумлиска Бања!