Четири желби: Почнува битката за Каунас!

241

Време е за конечен расплет во Евролига. Четирите најдобри екипи од оваа сезона ќе ги одмерат силите на фајнл-фор завршницата во Каунас. За европскиот трон ќе се борат Олимпијакос, Монако, Реал Мадрид и Барселона.

Дури 15 титули имаат сите учесници на завршницата. Реал Мадрид е најтрофеен со 10, Олимпијакос има три, додека Барселона две. Во ова друштво на големите само Монако нема кошаркарска историја, но во последните години полека ги поместува границите. Францускиот тим има еден европски трофеј, Еврокупот 2021 година, а оваа сезона во Евролига покажува дека ништо не е случајно.

Монако е аутсајдер, за противник во полуфиналето го има Олимпијакос, дуелот е закажан со почеток во 17 часот.

„Не можеме да му претиме на тим како Олимпијакос, клуб со историја, со најдобар тренер и големо искуство. Ја прифаќаме улогата на аутсајдер, но ќе се бориме“, изјави Обрадовиќ на прес-конференцијата.

Олимпијакос минатата година во полуфиналето беше поразен од актуелниот првак, Анадолу Ефес со тројката на Мициќ во последната секунда. Сега во Каунас доаѓа по големата битка со Фенербахче и со една цел – да ја потврди својата надмоќ.

Втората полуфинална пресметка е резервирана за шпанското „Ел Класико“ меѓу Барселона и Реал Мадрид (20 часот).

Големите ривали на различен начин дојдоа на Ф4, Барса во три меча го доби Жалгирис, додека „кралскиот“ тим по пресврт го елиминираше Партизан, од 0-2 до 3-2.

Реал во овој момент е најопасен, но Барселона покажа многу повеќе оваа сезона.

„Имавме тешка сезона, но сега се останува на овој меч со Барселона, ако го добиеме одиме во финале. Нема потреба да се навраќаме што било, повредите, статистика и анализи. Фајнл-фор турнирот е нешто сосема друго, тука тимовите доаѓаат да ја освојат титулата, никој не сака да биде само учесник на Ф4“, порача тренер на Реал, Чус Матео, кој на другата страна на за противник на клупата го има легендарниот Шараунас Јасикевичиус.

Претходно“Марка“: Реал Мадрид ќе го донесе Мбапе, но следната година!
СледноЗа финалето во Истанбул: На трибините на “Ататурк“ ќе има по 20.000 фанови на Интер и Сити!