Карло Анчелоти уште еднаш проговори за својата иднина во Реал Мадрид и го повтори тоа што го кажал илјада пати досега – ќе остане на клупата на „кралевите“ до истекот на неговиот договор во јуни 2024 година.
„Според мене ова беше добра сезона. Секако дека можеше да биде подобра. Не сме задоволни од пласманот во Ла Лига“, изјави италијанскиот стручњак и продолжи:
„Следната сезона ќе бидам исклучително мотивиран. Цел свет знае дека имам договор до јуни 2024 година. Сите знаат дека сакам да го дочекам до крај. Разговарав со претседателот и тој ми изрази голема поддршка и ми даде максимална доверба Клубот ме извести дека ќе останам до крајот на договорот“, изјави Анчелоти.
Иако Реал Мадрид нема за што да игра во првенството, Анчелоти сака тимот да ја заврши сезоната на позитивен начин.
„Ги имаме сите играчи на располагање. Претходните денови ги искористивме за одмор и сега сакаме да ја завршиме сезоната на вистински начин. Најдобрите 11 ќе излезат на терен”.
Тренерот на кралскиот клуб проговори за критиките кон Карим Бензема и доведувањето на напаѓачките засилувања во летниот преоден рок.
„Критиките кон Бензема се глупости. Тој не беше единствениот кој одигра лош натпревар против Манчестер Сити. Нов напаѓач? Не е време или место да се зборува за тоа“.
Реал Мадрид е на второто место во Ла Лига на четири кола пред крајот на првенството. Кралевите освоија 71 бод, а шампионската титула од минатата сезона ја загубија од Барселона.