Пелистер мора да го освои Охрид, Вардар ќе чека „кикс“ на битолчани!

262

Шансите за да се промени нешто во последните две кола од плеј-офот во Супер-лигата околу новиот првак се многу мали, но секогаш постои мал простор за изненадување. Оваа сезона видовме дека фавортите на хартија не секогаш победуваат, тоа на дело го спроведе Алкалоид со победата над Вардар. Дебитантот не само што направи изненадување, туку и го врати Пелистер во игра за титулата, а битолчани пак максимално ја искористија новата шанса, го победија актуелниот првак на домашен терен и сега останува последните две кола да ги завршат во своја корист за да после 18 години го подигнат пехарот.

Првиот чекор кон титулата Пелистер треба да го направи на гости кај Охрид, тим кој се бори со Тиквеш за последното место кое води во Европа. Домаќинот ќе биде максимално мотивиран, па токму затоа битолчани ќе мораат да одиграат перфектно.

Во истиот термин од 20 часот, Вардар 1961 е гостин на Тиквеш. „Црвно-црните“ после Купот на Македонија најавија дека ништо не е завршено, па ќе чекаат абер од Охрид, а во Кавадарци ќе одиграат максимално.

Покрај овие две средби, во Скопје, Алкалоид е домаќин на Пелистер 2 (19 часот), додека пак Бутел Скопје му гостува на Пролет во истиот термин во недела. Избраниците на Кирил Лазаров веќе го обезбедија третото место, па на последниот меч на домашен терен останува да запишат победа за своите фанови.

Во плеј-аут лигата, Радовиш кој е последен на табелата е домаќин на Струга, Јуниор К.В на Вардар Неготино, додека пак Скопје 2020 е гостин на Голден Арт во дербито на колото. Во Куманово, истоимениот тим го пречекува Прилеп, меч кој се игра утре.

ПретходноЕлиф Елмас под „палката“ на Антонио Конте?
СледноАнтиќ и Георгиевски дел од годишното собрание на ФИБА Европа!