По пауза од две години Вардар од следната сезона ќе игра во ПМФЛ. Фантастичен настап на вардарци, победа над Скопје со 3:0 во бараж мечот во Кавадарци, шоу на “комитите“, и еве, најтрофејниот, кој оваа сезона во ВМФЛ заврши како третопласиран, во новата сезона 2023/24 ќе игра во ПМФЛ. Скопје пак ќе игра во втората лига.
Размоски со два гола беше херој на Вардар, стрелец беше и Глишиќ.
Ова е убаво за Вардар, но доаѓа откако неговите фанови, “комитите“ го презедоа клубот и ова е нивна победа.Можеме само да претпоставиме што ќе се случеше ако останеше Цобе на чело на клубот.
А мечот почна како од соништата за вардарци, со гол и водство уште во 4.минута, кога Размоски од непосредна близина го совлада Ефремов за 1:0.
Скопје како да беше шокирано од таквиот епилог, а Вардар сето тоа сакаше да го искористи па се редеа шансите пред голот на „пиратите“. Размоски со шанса, потоа супер удар на Јусуфи и блескава одбрана на Ефремов. Десниќ донесе нова радост во 20.минута, но поради офсајд беше оправдано поништен.
Шанса имаше и Мишковски, но она што го направи Тодоров во 35.минута навистина се граничи со невозможно. Имено “комитите“ фрлија неколку факели на теренот, а играчот на Скопје една од тие ја дигна од теренот и ја фрли кон публиката.
И нормално, судијата Александар Ставрев му покажа директен црвен картон на Тодоров со што Скопје остана со играч помалку.
ПОВТОРНО РАЗМОСКИ ЗА ЕУФОРИЈА НА “КОМИТИТЕ“
И повторно Размоски е на сцена. Се играше 49.минута кога Размоски постигна гол за 2:0, откако го искористи центаршутот на Десниќ. Е ова е вече сериозна предност за вардарци, 2:0 и играч повеќе.
И тоа не беше се од Вардар. Во 58.минута Глишиќ од слободен удар убаво шутираше за нов гол, за водство од 3:0.
Нема што, Вардар го скрши Скопје, сега има убедливо водство од три гола разлика. „Комитите“ се во делириум.
По тие 0:3, Скопје немаше ниту сила, ниту мотивација нешто да направи, ако се знае дека имаше и играш помалку.
И така заврши второлигашката одисеја на Вардар, сега е време за играње во македонската фудбалска елита.