Машката одбојкарска репрезентација на Македонија в петок ќе патува за Лоѓ, Полска, каде в сабота ги почнува настапите во Европската Златна лига. Под водство на новиот селектор Јошко Миленкоски, нашите сениори се надеваат дека учеството во ова силно натпреварување ќе биде голем тест пред настапот на главниот настан оваа година, Европското првенство.
„До заминување во Полска ќе завршиме со циклус од околу 30-тина тренинзи. Задоволен сум од ангажманот на момците, се уште увежбуваме дел од тактиките, но мислам дека ќе бидеме подготвени за првиот меч со Украина. Според протоколот ќе патуваме со 14 одбојкари, а изборот ќе го направиме утре или задутре, откако ќе завршиме со тренинзите“, вели селекторот Миленкоски.
За квалитетот на Украина која е прв наш ривал, повратникот на кормилото на ашиот национален тим вели:
„Украина е меѓу осумте најсилни европски репрезентации. Сега, како и кај нас и кај нив зависи кој се ќе настапи во оваа Европска Златна лига. Пријавени им се сите најдобри одбојкари, но не знаеме точно кој ќе биде финалниот состав. Секако не очекува тежок меч, но јас реков, сите овие шест меча во ова натпреварување ќе ги искористиме како подготовка за Европското пренство, но доколку ни се укаже шанса, секако ќе се обидеме да стигнеме и на Ф4 турнирот“.
Техничарите Давид Стојанов и Ефтим Ричлиев, коректорот Стефан Алексов и примачот Стојче Арсов од денеска не се со националниот тим. Миленкоски објасни дека тие не се избришани од списокот, напротив на нив сериозно се смета, но сега е потребно на тренинзите да се работи повеќе со одбојкарите коишто ќе истрчаат на теренот против Украинците.
Првиот меч со Украина се игра во сабота во полскиот град Лоѓ со почеток од 19 часот.