Кошаркарите на Денвер се првиот учесник во големото финале на НБА лигата, откако на гостински терен ноќеска го победија ЛА Лејкерс со 113:111 во четвртиот натпревар од финалето на Западната конференција. Со оваа победа Денвер го „збриша“ тимот од Калифорнија со експресни 4:0 и си завери место во битката за титулата.
Лејкерси беа подобар противник во првото полувреме кое го завршија со максимално водство од 73:58, благодарение на фантастичниот Леброн Џејмс кој постигна 31 поен за домашниот тим.
Следуваше одлична трета четвртина на Денвер, која тимот од Колорадо ја заврши со резултат 36:16. Гостите беа во водство во поголемиот дел од последната четвртина, а по поените на Јокиќ на две минути и 50 секунди до крајот, Нагетси поведоа со 110:104.
Лејкерси не се предадоа и со кошевите на Ентони Дејвис од линијата за слободни фрлања дојдоа до егал во самата завршница на мечот (111: 111).
И овој пат одлуката во свои раце ја зема Јокиќ кој погоди на 51,7 секунди пред крајот за 113:111, а Лејкерси во два наврати не успеаја да изборат продолженија.
Во победата на Денвер, Јокиќ го постигна својот осми трипл-дабл во плеј-офот оваа сезона, соборувајќи го рекордот поставен од Вилт Чембрлен во 1967 година. Српскиот играч забележа 30 поени, 14 скока, 13 асистенции, три блокади и една украдена топка. По натпреварот му беше доделен трофејот „Меџик Џонсон“ за најкорисен играч на Западната конференција. Одличен беше и Џамал Мареј кој постигна 25 поени со пет асистенции и Арон Гордон кој запиша 22 поени.
Леброн Џејмс средбата ја заврши со 40 поени, 10 скока и 9 асистенции, додека Ентони Дејвис имаше дабл-дабл со 21 поен и 14 скока.
Ова е прв пласман за Денвер во големото финале во НБА лигата, каде ќе го чека подобриот противник од двомечот Мајами-Бостон, каде тимот од Флорида води со 3:0 во финалната серија од Источната конференција.