Еден од судиите кои работеа во ВАР собата за време на мечот меѓу Валенсија и Реал (М) од последното коло на Ла Лига доби отказ. Шпанска фудбалска федерација (РФЕФ) го отпушти Игнасио Иглесијас Вилануева, кој беше дел од ВАР за време на натпреварот од 35. коло во кој крилниот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, при конфликт меѓу двата тима на крајот од натпреварот, го удри во лицето напаѓачот на Валенсија, Хуго Дуро, кој претходно го притискаше за грлото одзади.
Главниот судија Рикардо Бенгоечеа, откако го прегледуваше видеото, му покажа црвен картон на Бразилецот, поништувајќи го првично прикажаниот жолт картон на Дуро кој остана на теренот.
Според Марка, Вилануева е одговорен за тоа што на главниот судија му била прикажана исечена снимка во која се наоѓа само ударот на Винисиус, но не и постапките на неговиот противник, кои влијаеле на истата. Во соопштението се вели дека нема оправдување за ваквото однесување.
Уште пет арбитри на ВАР се исто така суспендирани бидејќи техничкиот судиски комитет смета дека е неопходно да се подобри употребата на видео репризите.