Работнички потврди: Илиевски ќе го предводи тимот и следната сезона

231

ФК Работнички денеска објави дека и во сезоната 2023/24 раководството на клубот му ја даде довербата на шефот на стручниот штаб Милан Илиевски, со кого е постигната согласност за обновување на соработката и за наредниот период.

„Раководството на клубот ја анализираше изминатата сезона и иако нема многу причини за задоволство од конечниот пласман на табелата, сепак, задоволни сме од професионалноста и начинот на работа на шефот на стручниот штаб Милан Илиевски. Со него постигнавме договор за продолжување на соработката и во наредниот период. Откако ја доби довербата, Илиевски ја стабилизираше екипата, оствари позитивни резултати, а истовремено и промовираше голем број млади фудбалери во тимот, кои се стекнаа со неопходното прволигашко искуство и се светла иднина на ФК Работнички“, изјави претседателот на клубот, Драган Поповски.

Тренерот Милан Илиевски е задоволен што ја продолжува соработката со ФК Работнички и за наредниот период.

„Чест е да се предводи ФК Работнички, но и голема обврска. Благодарност до раководството на клубот за довербата, можам да ветам напорна работа, а уверен сум дека тимот располага со голем потенцијал и ќе се трудиме да го извлечеме најдоброто на секој натпревар за да ги исполниме целите на ФК Работнички“, изјави шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски.

ПретходноИ да игра во финалето, Мајами не може да смета на Тајлер Хиро
СледноОдредени двојките за баражите за пополнување на ВМФЛ