Започна нова ера во спортот во Македонија – кошарка во колички!

437

Со првиот официјален тренинг во СЦ „Јане Сандански во Скопје“, започна новата страница во спортот во Македонија, кошарка во колички. Овој спорт во другите земји е одамна развиен, а со помош на иницијаторите од Сојузот на параплегија на Словенија и Параолимпискиот комитет на на Македонија, поддржани од Амбасадста на Словенија во Скопје, како и донаторите кои ги набавија новите колички: НЛБ банка, Триглав осигурување и Амбасадата на Германија во Скопје, а со логистичка поддршка од АМС, МОК, КФСМ, ЦОП Славеј, донаторите на половни колички од Србија и БиХ, и други поддржувачи и симпатизери, тренерот Саша Димитриевиќ со кошаркарите го одржа првиот тренинг.

„Ова е мошне скап спорт така да за комплетирање на количките ни требаа 8 месеци , но сега се тука и почнавме со тренажен процес. Во Јане Сандански ги имаме сите услови за непречено тренирање и голема благодарност до претседателот на МОК Даниел Димевски, бидејќи истата е прилагодена за спортисти со инвалидитет што е реткост за салите ширум државата.

За сега тренинзите се одвиваат два пати неделно – среда и петок и сум презадоволен од одзивот на луѓето кои доаѓаат и нивната желба за напредок во ова за нив нова активност. Ќе направиме се да државата има и репрезенатација во овој спорт, но ќе треба сигурно да помине време во обука на сите играчи“, ни изјави Саша Димитријевиќ, кој додека беше во Малта имаше успешно искуство во кошарка со колички. 

Димитријевиќ и сите оние кои се дел од тимот имаат една година за подготовка, бидејќи од сезоната 2024/25 ќе учествуваат во НЛБ-лигата.

„Од сезоната 2024/25 веќе имаме место во НЛБ јадранската лига во која учествуваат екипи од цела поранешна Југославија. Ние имаме една година подготовка, а со стручна и посветена работа сакаме да направиме екипа која успешно ќе игра во таа лига. Тоа е голем предизвик бидејќи таа лига постои веќе 16 год и во неа играат големи играчи кои го играат овој спорт веќе 25 год. Се надевам дека сите релевантни фактори во државата ќе ја препознаат нашата желба и посветеност за овој проект, а сите кои сакаат да го спортуваат овој спорт ги повикувам да дојдат во салата Ј. Сандански и ни се приклучат. Наша главна цел е што повеќе луѓе да се вклучат во проектот и тие да останат што подолго во овој убав спорт“, додаде Димитријевиќ. 

ПретходноТежок ждреб за Новак на Ролан Гарос: Србинот и Алкараз би се сретнале во полуфиналето!
СледноЛина во полуфиналето во двојки на турнирот во Словенија!